Роналдо пресреќен што му се исполни сонот

Суперѕвездата и капитен на португалската репрезентација и на клубот Ал-Наср, Кристијано Роналдо, реагираше на изборот на земји домаќини на Светското првенство во 2030 година.

Турнирот ќе се одржи во Мароко, Португалија и Шпанија како главни домаќини, а три натпревари ќе се одиграат и во Уругвај, Парагвај и Аргентина.

„Тоа е остварување на сонот, Португалија ќе биде домаќин на Светското првенство во 2030 година и ќе нè исполни со гордост. Заедно!”, напиша Роналдо на своите социјални мрежи.

Роналдо за време на СП 2030 година ќе има 45 години.

„Голема радост и гордост е да се знае дека мојата земја ќе биде домаќин на Светското првенство во 2030 година и дека репрезентацијата на Португалија ќе може да игра дома и пред своите навивачи на натпреварите на едно толку важно натпреварување. Од денес, па натаму тоа е одговорност на сите Португалци. Сигурен сум дека заедно со Шпанија и Мароко ќе го направиме овој Мундијал единствена можност за промоција на нашата земја“, рече Роналдо за агенцијата Луса.

Португалија беше домаќин на ЕВРО 2004 година, а за пет и пол години од сега, за првпат ќе го организира и Светското првенство.

Трите португалски стадиони кои ќе бидат домаќини на натпреварите на Мундијалот 2030 година ќе бидат „Луж“ и „Жозе Алваладе“ во Лисабон и „Драгао“ во Порто.

 

- Оглас -

Најнови вести