Една од најинтересните групи од квалификациите за пласман на Светското првенство во САД, Канада и Мексико е секако онаа во која се наоѓаат Англија, Србија и Албанија, и тоа не поради квалитетот, туку поради ривалството помеѓу нашите северни и западни соседи.
Се уште се свежи сеќавањата од инцидентите во Белград на мечот помеѓу Србија и Албанија, а сега двете репрезентации ќе имаат шанса повторно да се сретнат во квалификации за Светско првенство.
„Ова е многу предизвикувачка група. Албанците во последно време покажаа напредок во играта и ќе бидат незгоден противник. Се радувам што ќе играме во Тирана на преубавиот стадион, на кој се играше и финалето на Конференциската лига. Свесен сум дека тие два натпревари ќе бидат интересни од некои други причини. Што се однесува до нас, не нѐ интересира ништо што нема врска со фудбалот. Исклучиво спортска приказна, голем предизвик и можност за два квалитетни фудбалски натпревари.“ – беше коментарот на Драган Стојковиќ – Пикси, селекторот на Србија.