Во петокот беа извлечени квалификациските групи за пласман на Светското првенство во 2026 година, а интересна беше реакцијата на селекторот на Сан Марино, репрезентацијата која е на последното 210 место на светската ФИФА ранг листа. Сан Марино се најде во група заедно со Австрија, Романија, Босна и Херцеговина и Кипар, а предводникот на Сан Марино, Роберто Чеволи е разочаран зошто нема поатрактивни ривали.
„Малку сум разочаран затоа што се надевав дека за ривали ќе добиеме репрезентации со поголема репутација од овие со кои сега треба да играме. По мое мислење, оваа група е најлесната која можевме да ја добиеме, но јасно е дека сепак се работи за добри селекции“, рече Чеволи.
Сан Марино имаше историски најуспешна година во 2024. Во четирите меча од Лигата на нации имаше две победи, едно реми и само еден пораз во дуелите со Гибралтар и Лихтенштајн и Сан Марино се пласираше во Ц сегментот на ова натпреварување за следната сезона. Тие две победи во Лигата на нации беа први во историјата за Сан Марино на едно официјално натпреварување како што се квалификации.
Македонија во квалификациите за СП 2026 година се најде во групата Ј, каде за противници ќе ги имаме Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн. Според првичните направени пресметки и проценки, Македонија има дури 75 отсто шанси да се пласира во баражот за пласман на Мундијалот кој ќе биде во 2026 година во САД, Канада и Мексико.