Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Луис Назарио де Лима Роналдо, и официјално е кандидат за нов претседател на Фудбалската федерација на Бразил. Во март 2026 година завршува мандатот на Едналдо Родригес, а Роналдо се надева дека тој ќе биде негов наследник.
„Имам многу мотиви заради кои ја потврдив оваа моја кандидатура. Мојата главна цел е да ја вратам почитта кон бразилскиот фудбал. Многумина ме застануваат на улица и прашуваат кога ќе се врати сјајот во бразилскиот фудбал. Сто отсто сум подготвен, мотивиран, а имам и одлични луѓе зад мене“, рече Роналдо.
Кариерата на Роналдо започна во 1993 година во тимот на Крузеиро, а потоа замина во Европа. Прво играше за тимот на ПСВ Ајндховен, а потоа и за Барселона, Интер, Реал Мадрид, Милан, па во 2009 година повторно се врати во Бразил и кариерата ја заврши во тимот на Коринтијанс.
Во репрезентацијата на Бразил играше од 1994 до 2011 година. Во 98 меча постигна 62 гола. Со Кариоките беше светски првак во 1994 и 2002 година, а има и финале од СП 1998 година. Двапати ја освојуваше Копа Америка во 1997 и 1999 година, а се радуваше и на трофеј во Конфедерација купот во 1997 година.