Реал Мадрид од 18 часот во Доха игра со мексиканскиот тим Пачука во финалето на Интерконтиненталниот куп и ако Кралскиот клуб стане светски првак, а фаворит е, Карло Анчелоти ќе влезе во историјата како најтрофеен тренер на Реал.
Анчелоти и легендарниот Мигел Муњоз имаат освоено по 14 трофеи со Реал Мадрид, а Италијанецот вечерва може сам да избие на прво место со 15 титули. Анчелоти го водел Реал на 315 меча, што значи дека во просек освојува трофеј на секои 21 меч. На Муњоз, 11 титили му се во Шпанија, а три во меѓународни натпреварувања, додека кај Анчелоти ситуацијата е поразлична, тој со Реал има 8 меѓународни и 6 домашни трофеи.
Во 2003, Анчелоти како тренер на Милан загуби во Интерконтиненталниот куп од Бока јуниорс на пенали, па ова му е шанса конечно и како тренер да го освои ова натпреварување.
Лука Модриќ веќе е најтрофејниот играч на Реал со 27 пехари, а има убава прилика и за 28-ми трофеј, со што би се зацврстил на првото место.
Ако победи Реал, би станал прв клуб со четири титули во Интерконтиненталниот куп, кој годинава се возобнови откако ФИФА реши да прави и Светско клупско првенство кое ќе се игра на секои четири години.