Микаела Шифрин подолго време ќе остане на 99 победи во кариерата откако во обидот да стане првата во историјата со 100 победи во Светскиот куп доживеа пад и повреда која може да ја оддалечи од патеките подолго отколку што се мислеше.
Американката уште е во болница откако ѝ се искомплицирала работата, но како што вели самата, можело да биде и многу полошо.
„Ми вадеа насобрана течност од раната. Лекарите ми рекоа дека навистина имам среќа затоа што убодната рана беше на само милиметар од моето дебело црево“, рече Шифрин, која додаде дека нема силни болки, но неизвесно е дали ќе може да се врати во натпреварувањето оваа сезона.