Полскиот ветеран Роберт Левандовски има договор со Барселона до летото 2026 година, со можност за продолжување на уште една година, но раководството на клубот размислува да му доведе сериозна конкуренција во нападот следното лето.
Иако Левандовски одлично ја отвори сезоната со 23 гола на 23 натпревари, се чини дека неговата форма, како и формата на целата екипа, е во опаѓање. Тоа предизвика шпекулации дека Барселона размислува за доведување нов напаѓач кој би претставувал сериозна конкуренција за Левандовски.
Според „Мундо Депортиво“, претседателот Жоан Лапорта и спортскиот директор Деко планираат да донесат помлад напаѓач кој би бил долгорочно решение за клубот. Нивна прва желба е Маркус Турам од Интер, кој Барселона го следи подолг временски период.
Францускиот напаѓач се смета за идеално засилување, но неговата цена од околу 70 милиони евра претставува проблем за Барселона поради финансиските ограничувања.
Барселона очекува до летото да ги стабилизира своите финансии, што би овозможило реализација на овој трансфер.