Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, не ги вклучува Рандал Коло Муани и Милан Шкрињар во своите планови за остатокот од сезоната, откриваат француските медиуми. Иако двајцата играчи имаат договори со клубот до летото 2028 година, се очекува веќе во зимскиот преоден рок да бараат нови клубови.
Рандал Коло Муани оваа сезона има само 14 настапи, постигнувајќи два гола и една асистенција, при што на теренот поминал само 453 минути, најчесто како резерва. Во сезоната 2022/23 во Ајнтрахт Франкфурт тој блесна со 23 гола и 17 асистенции, што го доведе до трансфер во ПСЖ за 95 милиони евра.
Во дресот на францускиот клуб, Коло Муани одигра 54 натпревари постигнувајќи 11 гола и запишувајќи седум асистенции. Неговата актуелна вредност е околу 30 милиони евра, а за него се интересираат клубови од Англија и Германија.
Што се однесува до словачкиот дефанзивец Милан Шкрињар, тој оваа сезона одигра само пет натпревари, поминувајќи 381 минута на теренот. Шкрињар дојде во ПСЖ како слободен играч од Интер, каде што беше клучен играч на тимот од 2017 до 2023 година. И покрај високите очекувања, тој не успеа да се избори за редовна минутажа во првиот состав на ПСЖ, а неговата вредност сега се проценува на околу 15 милиони евра.