Младен Ѓуроски, кој е кандидат за наследник на Перо Антиќ на функцијата претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, испрати соопштение со свој став за вчерашните случувања на Собранието на Федерацијата.
„Перо Антиќ од вчера повеќе не е предводник на македонската кошарка, тоа веќе е јасно како ден. Со убедлив резултат 39-7, членките на Собранието на КФМ се изјаснија дека тој повеќе нема кредибилитет да биде на чело на макбаскетот. Антиќ можеби формално уште ја има функцијата претседател, но го нема тоа што е најважно – легитимитетот од клубовите, кои јасно му дадоа до знаење дека неговото време е минато и дека се потребни нови луѓе, со свежи идеи кои би го кренале овој спорт на многу повисоко ниво од сега.
Тој на вчерашниот собир, со грубо кршење на деловникот, за момент избегна официјална смена од позицијата на која се наоѓа, но со тоа не се спаси туку само го пролонгира тоа што го сакаа огромното мнозинство од клубовите во Македонија. На Собранието дури 39-мина од присутните 46 членки му кренаа „црвен картон“ давајќи му до знаење дека треба да си оди, нешто што порано или подоцна ќе мора да го прифати како реалност. Антиќ мора да си замине и поради тоа што дозволи Собранието да се прекине без усвојување на финансискиот извештај на Федерација, што дополнително може да донесе реперкусии за македонската кошарка, а со тоа и за клубовите кои ја сочинуваат.
Нашата борба не застанува тука, таа ќе продолжи сѐ до моментот кога ќе се испочитува волјата на клубовите. Наша цел не е насилно рушење и правење штета, туку промени во интерес на македонската кошарка според сите правни и морални норми. Затоа ќе продолжиме легалистички, според Статутот на КФМ и законите на државата, да направиме сѐ за да се испочитува волјата на клубовите бидејќи сите заедно се бориме за подобро кошаркарско утре.
Младен Ѓуроски, кандидат за претседател на КФМ, со членовите на „Иницијативниот одбор“ за промени во КФМ.“, стои во соопштението.