Стеф Кари го одигра најлошиот меч во кариерата, Голден стејт загуби со 51 разлика (Видео)

Искусниот Стеф Кари го одигра најлошиот натпревар во блескавата кариера, а неговиот тим Голден стејт вориорс загуби со неверојатни 93:144 на гостувањето кај Мемфис гризлис. Поразот од 51 разлика е најголем за еден тим сезонава во НБА-лигата. Во еден момент од последната четвртина Мемфис водеше и со 57 разлика.

Кари кариерата ја започна во 2009 година и во овие 15 години успеа четирипати да се радува на шампионскиот прстен, двапати беше прогласуван за најкорисен играч во основниот дел од сезоната, двапати беше најдобар стрелец во сезоната, еднаш беше МВП во финалето, а има и 10 настапи на Олстар-мечот.

Тој е и рекордер по бројот на постигнати тројки во историјата на НБА-лигата со 3.832 тројки и според многумина, тој е најдобар шутер на сите времиња. Сепак, против Мемфис едноставно Кари како да не постоеше на теренот. Одигра 24 минути во кои не успеа да постигне ниту еден поен од игра, а на крајот заврши само со две погодени слободни фрлања.

Никогаш досега во неговата НБА-кариера во која има одиграно речиси 1.000 натпревари не се случило Кари толку долго да биде на паркетот, а да не постигне ниту еден поен од игра. На крајот, статистиката покажа дека Кари имал нула погодени шута од седум обиди, од кои шест биле удари за три поени. Ова е вкупно петти пат во кариерата да не постигне кош од игра, но ова беше меч со најмногу одиграни минути на теренот и најмногу обиди да погоди.

Освен Кари, очајна вечер кај Голден стејт имаше и Дрејмонд Грин, кој исто така не успеа да постигне поени од игра, а новото засилување Денис Шродер погоди само два од 12 обиди. Едноставно, сите ѕвезди на Голден стејт беа очајни, па поразот од 51 разлика на крајот беше неизбежен.

Резултати од мечевите кои се одиграа утрово во НБА-лигата: Детроит – Јута 119:126, Орландо – Оклахома 99:105, Вашингтон – Шарлот 123:114, Бостон – Чикаго 108:117, Торонто – Брулин 94:101, Хјустон – Њу Орлеанс 133:113, Мемфис – Голден стејт 144:93, Сан Антонио – Атланта 133:126 по продолжение, Далас – ЛА клиперс 95: 118, Феникс – Индијана 111:120, Минесота – Њујорк 107:133, Портланд – Денвер 126:124, Сакраменто – ЛА лејкерс 100:113.

 

- Оглас -

Најнови вести