Екипата на Борац Бања Лука од Босна и Херцеговина и српскиот тим на ТСЦ Бачка Топола синоќа се радуваа на пласман во нокаут-фазата од Конференциската лига на УЕФА. Овие два тима од ексју-просторите беа меѓу најдобрите 24 на табелата и ќе играат во шеснаесетфиналето.
Борац на свој терен одигра 0:0 против Омонија и со осум бода од шест меча се пласира на 20-тото место. Драматично беше на дуелот ТСЦ Бачка Топола – Ноах, каде што гостите водеа со 3:1 до 73-тата минута, но домаќините со фантастична игра во последните 20 минути стигнаа до победа од 4:3. ТСЦ со тој триумф стигна до седум бода и го фати „последниот воз“ за нокаут-фазата, завршувајќи на 24-тото место на табелата.
Според пресметките кои ги направија босанските медиуми, Борац БЛ одлично заработи со настапите во Конференциската лига. За настапите во квалификациите Борац заработи 700.000 евра, а со самиот пласман во групната фаза секој клуб добива по 3,17 милиони евра. За пласманот на 20-тото место и остварените резултати следуваат 527.000 евра, како и дополнителен бонус од 200.000 евра со самиот пласман во нокаут-фазата. Тука се додаваат и парите од маркетинг „базенот“, како и петгодишниот коефицинет во УЕФА (заработка од 620.000 евра), како и награда врз основа на десетгодишниот коефициент на УЕФА (9.000 евра). Кога ќе се соберат сите заработени пари, Борац Бања Лука за настапот досега во Конференциската лига на УЕФА има заработка од 6,4 милиони евра.