Фудбалската репрезентација на Србија во март следната година ќе гостува кај Албанија во меч од првото коло во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година. На ждрепката која беше пред неколку дена, овие две селекции се најдоа во иста група, а во групата се и репрезентациите на Англија, Летонија и Андора.
Србија и Албанија последен пат играа во квалификациите за ЕП 2016 година, кога Албанија ја „надмудри“ Србија и се пласира на завршницата на континенталниот собир во Франција.
Тогаш мечот во Белград беше прекинат поради инцидентот кога со дрон над стадионот се појави знаме на „голема Албанија“. Потоа настана мешаница меѓу фудбалерите, а на теренот втрчаа и навивачи. Албанија службено го доби тој дуел со 3:0 и се пласира на завршницата на ЕП.
Еден од легендарните албански фудбалер, Љорик Цана, смета дека овие две репрезентации не треба да ги ставаат во иста група од квалификации.
„Верувам дека двете селекции не сакаат такво нешто да се повтори. ФИФА и УЕФА имаат правила за забрана на мечеви на земји кои се во директен конфликт или на земји кои имаат политички несогласувања. Иако Албанија и Србија немаат директен конфликт, ниту е загрозена нечија територија, поради тоа што го имаме доживеано како нација, посебно како албанско малцинство во Југославија, не е логично да играме едни против други во иста група. Односите кои ги имаме со Србите како народ и некои процеси ја прават ситуацијата да е деликатна. Посебно поради Косово и се што проминавме таму, каде што уште нема целосно решение“, истакна Цана.