Менаџерот на Челзи, Енцо Мареска, на прес-конференцијата пред натпреварот против Евертон во Премиер лигата откри кои фудбалери ќе го напуштат тимот оваа зима.
Италијанскиот стратег потврди дека Рис Џејмс постепено се враќа на тренинзи со првиот тим, но ќе му бидат потребни неколку недели пред повторно да се појави на теренот.
„Беноа Бадијашил и Весли Фофана нема да играат до крајот на годината. Ромео Лавија има мал проблем и ќе биде под знак прашалник до последен момент пред натпреварот. Фудбалерот за врска Карни Чуквуемека и дефанзивецот Бен Чилвел најверојатно ќе го напуштат клубот во јануари, бидејќи двајцата сакаат поголема минутажа. Разговарав со нив и им објаснив дека во моментот не се во прв план“, изјави Мареска.
Челзи се наоѓа на второто место на табелата во Премиер лигата, со два бода заостанување во однос на лидерот Ливерпул и со еден одигран натпревар повеќе.