Рафиња ја откри причината за лошата форма на Барселона

Крилниот напаѓач на Барселона, Рафиња, даде објаснување за лошите резултати на тимот во последните недели. Каталонците имаа одличен старт на сезоната, победувајќи во 11 од првите 12 натпревари во Ла Лига, но во последните шест натпревари остварија само една победа.


Тие доживеаја изненадувачки порази дома од Лас Палмас и од Леганес, а утре ги очекува дерби натпреварот против Атлетико Мадрид.

„Од нас зависи речиси сѐ, нашето ниво значително падна. Веројатно имаше недостиг на концентрација во некои моменти и тоа нѐ чинеше многу. Исто така, има и замор меѓу фудбалерите. Ако кажам дека не сме биле уморни во некои натпревари, во кои загубивме бодови, ќе излажам. Мислам дека најголемата причина е заморот“, изјави Рафиња.

Поради повредите и релативно кратката клупа на Барселона, тренерот Ханси Флик беше принуден да користи некои играчи почесто отколку што сакаше. Рафиња е еден од десетте фудбалери кои веќе имаат над 1.500 минути на теренот оваа сезона. Само Ињиго Мартинес (2046 минути) и Жул Кунде (1975 минути), кој има најмногу минути на теренот за целата 2024 година, играле повеќе од Рафиња.

„Ќе поминеме и низ тоа. Имам тетоважа на која пишува „Сè поминува“. Имавме добри моменти на почетокот на сезоната, потоа лоши, но тоа е привремено. Таков е животот. Мислам дека треба да пристапуваме на секој натпревар како да играме против најдобриот тим во светот. Ако го правиме тоа, ќе бидеме поконцентрирани“, додаде Бразилецот.

- Оглас -

Најнови вести