Два месеца трае „пеколот“ за Манчестер сити, тим кој беше страв и трепет за ривалите, а сега едноставно губи од „кого ќе стигне“. Во последните 12 натпревари во сите натпреварувања Граѓаните претрпеа дури девет порази, имаат само две нерешени и една победа.
Никој не може да објасни како може да се случи ваков пад во формата и резултатите на тимот кој со години доминира во Англија и е еден од најдобрите во Европа, а дефанзивецот Јошко Гвардиол верува дека за брзо време повторно ќе стигнат победите.
„Тешко е да се носите со овој притисок. Можам само да кажам дека сме свесни за ситуацијата во која се наоѓаме. Не сме умрени, само не можеме да победиме. Верувам дека по Нова година работите ќе тргнат во поинаква насока“, вели Гвардиол.
Ако се погледнат резултатите во Премиер лигата, на последните осум дуели, Сити освои само четири бода, па веќе заостанува дури 12 бода зад лидерот Ливерпул, кој има и еден меч помалку.
„Исцрпени сме, играме на секои три дена. Сите играчи сме преморени затоа што пеколен е распоредот на мечевите што ги играме. Тешко дека ќе можеме да се надеваме на освојување на титулата во Премиер лигата. Сигурно дека ние сакаме, но сега е тешко остварливо. Наша цел во моментов е да победиме на следниот меч“, додава Гвардиол.
Следниот предизвик за Сити е в четврток, кога на свој терен ќе го пречека Евертон.