Гери Невил: Овој Ливерпул ме потсетува на Манчестер јунајтед под водство на Фергусон

Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед и сегашен аналитичар на „Скај спортс“, Гери Невил, го спореди Ливерпул под водство на Арне Слот со тимот на Црвените ѓаволи, кој беше раководен од сер Алекс Фергусон, а во којшто играше и Невил.

Според него, голема сила на тимот од Мерсисајд е тоа што во текот на еден натпревар може да применува различни стилови на игра, што им помага да се прилагодат на променливите барања на теренот.

„Можеби оваа екипа на Ливерпул во некои аспекти ми наликува на Манчестер јунајтед во којшто играв јас. Го гледам Трент Александер-Арнолд од десната страна, како Дејвид Бекам, кој испраќа неверојатни центаршутеви, гледам многу трчање одзади, многу луѓе кои трчаат напред, но најмногу гледам различни стилови на игра во текот на еден натпревар. Во последните осум години гледавме одредена идеологија, фудбалска филозофија. Сега ги гледаме да играат во три или четири различни стилови во рамките на еден натпревар. Гледаме долги додавања напред, контранапади, понекогаш и компактен фудбал. Започнуваат со висок пресинг, а потоа се трансформираат. Што и да бара еден натпревар, тие се способни да го направат тоа“, анализира Гери Невил.

„Мислев дека овој елемент исчезна и дека играчите станале некако роботизирани, правејќи само она што им го кажува тренерот. Меѓутоа, оваа екипа на Ливерпул има независно размислување за да знае што е потребно во еден натпревар. Ова е делот што ме потсетува на нас, а Ливерпул е многу подобар отколку што мислев дека ќе биде оваа сезона“, дополни Невил.

Ливерпул се наоѓа на врвот на табелата во Премиер лигата со 39 бода, четири повеќе од второпласираниот Челзи, а има и еден одигран натпревар помалку.

- Оглас -

Најнови вести