Белградскиот Партизан се наоѓа во тешка финансиска криза и во моментов должи нешто над 53 милиони евра по различни основи. Ова за јавноста го откри членот на новото раководството, Предраг Мијатовиќ.
Легендарниот српски напаѓач ги објави и основите по кои се должат овие пари, а 800.000 српски динари, или околу 7.000 евра се за објавени некролози во весникот „Вечерне новости“.
„Се случува еден апсурд. Имаме тужба од ‘Вечерне новости’ за 800.000 динари за објавување некролози, и тоа во периодот кога претседател на клубот бил генералниот уредник на весникот. Кога пристигна опомената? Зошто не е испратена пред шест или осум месеци? Велат,ако не ни ги платите овие 800.000 динари, ќе ве тужиме. Па тужете, има уште многу работи кои не ги кажав, но се тука. Да не може човек да поверува“, рече Мијатовиќ.
Вкупниот долг на Партизан изнесува 53.128.000 евра. Од оваа сума, 7,25 милиони евра се должат на клубови по основ на обесштетување, 22,5 милиони евра по основ данок, а пет милиони евра се должи на агентите на фудбалерите.