Легендата на Реал Мадрид и на репрезентацијата на Франција, Зинедин Зидан, веќе три и пол години е надвор од фудбалот, барем кога станува збор за тренерската работа. Тој во два мандата беше на чело на Кралскиот клуб и освои сè што можеше да се освои.
Во последниот период имаше најави дека интерес за негов ангажман има од Манчестер јунајтед, Баерн Минхен и Јувентус, но Зидан ги одби сите понуди со надеж дека повторно ќе се врати на клупата на Реал Мадрид или ќе може да ја преземе селекторската функција во репрезентацијата на Франција.
Сепак, шпанската „Марка“ тврди дека нема да му се исполни ниту едната, ниту другата желба. Реал Мадрид во моментот нема намера да го смени Карло Анчелоти, а и кога ќе си оди Италијанецот, Зидан нема да биде тој што ќе го замени. Вратата во моментов му е затворена и во репрезентацијата на Франција, со оглед на тоа дека Дидие Дешан доби продолжување на договорот.