Светската куќа на фудбалот, ФИФА, неодамна и официјално ги објави домаќините на Светските првенства во 2030 и 2034 година. Следниот Мундијал ќе се одржи во САД, Канада и Мексико во 2026, а потоа ќе следува оној кој ќе го организираат Шпанија, Португалија и Мароко, а натпревари ќе се играат и во Аргентина, Уругвај и Парагвај.
Сепак, Светското првенство во 2034 година привлече најголемо внимание бидејќи организацијата ѝ припадна на Саудиска Арабија, а ваквата одлука предизвика големи критики во светската јавност.
„Многу е важно големите натпреварувања да се одржуваат во демократски земји. Дури и во клупскиот фудбал одлуките се носат на демократски начин, а тука имаме случај со кој никако не можеме да бидеме среќни. Лошо е што се гласаше во исто време за доделувањето на СП 2030 и СП 2034. Немаше можност да гласате за едното, а против другото. Тоа ме тера да кажам дека нешто во овој процес не е како што треба“, вели легендарниот германски фудбалер Филип Лам.
Според најавите, Светското првенство ќе се игра во јануари 2034 година, на сред клупската сезона.