Македонската машка ракометна репрезентација е во српскиот град Стара Пазова, каде што се подготвува за настап на Светското првенство кое се игра во јануари, а еден од оние млади верни војници на Кирил Лазаров кои ќе дебитираат на сениорско СП е и голманот на Алкалоид, Иван Галевски.
„Чест и задоволство ми е што сум дел од овој колектив. Нѐ очекува еден голем предизвик, но тоа не треба да ни претставува притисок, напротив еден мотив плус за секој да го даде својот максимум. Подготовките се одвиваат добро и се надевам дека спремни ќе го дочекаме стартот на Светското првенство“, вели Галевски.
Нашите ракометри првиот дел од подготовките ќе го одработат во Стара Пазова, каде што ќе останат до 30 декември. Утре стартуваат со контролните натпревари, а прв ривал ќе биде српскиот клуб Нови Београд.
На СП, Македонија е во групата Д заедно со Унгарија, Холандија и Гвинеја, а натпреварите ќе ги игра во Вараждин (Хрватска).