Главната цел на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ во претстојната година е да стигне до 25-тата гранслем-титула во кариерата, првата шанса ќе ја има веќе во јануари, во Мелбурн на Отвореното првенство на Австралија, турнир кој го има освоено десетпати.
Коментаторите на „Еуроспорт“, поранешните тенисери Алекс Кореча, Матс Виландер и Тим Хенман, дадоа свои прогнози пред 2025 година.
Виландер, кој со години е познат како најжесток критичар на Новак, мисли дека Синер сезонава ќе освои повеќе гранслемови, Хенман навива за Алкарас, а Кореча дипломатски вели дека ќе бидат изедначени. Дојде на ред и прашањето дали Ѓоковиќ ќе освои гранслем во 2025 година?
„Да, Новак Ѓоковиќ ќе освои уште еден гранслем“, рече Виландер.
Кореча се согласи дека Ѓоковиќ може да победи на кој било од четирите гранслем-турнири и би сакал да се случи тоа, а Хенман типуваше дека Србинот е фаворит на Отвореното првенство на Австралија.
Тие не веруваат дека Ѓоковиќ може да се врати на првото место на АТП-листата, но поделени се околу тоа дали Алкарас или Синер ќе доминираат. Виландер потоа беше и контрадикторен, заборави дека рече дека Новак ќе освои гранслем и даде премногу храбра прогноза дека нема да биде изненаден ако Синер или Алкарас ги освојат сите четири најголеми турнири на светот.