Откако беше назначен за спортски директор на сите македонски фудбалски репрезентации, Горан Пандев мораше да се повлече од функцијата претседател на клубот Брера Струмица.
Пандев даде оставка од функцијата претседател на ФК Брера Струмица со цел да нема судир на интереси, како и поради неспоивоста на двете функции.
Горан Пандев е основач на клубот кој во прво време се викаше Академија Пандев, а со преземањето од „Брера холдинг“, тој беше поставен на функцијата претседател.
„Отсекогаш сум се залагал за развој на македонскиот фудбал, треба сериозно да се посветиме за прогрес на клупскиот и на репрезентативниот фудбал. Верувам дека новото раководство ќе го даде тој инпут на којшто ќе бидеме горди сите ние како нација. Репрезентациите треба да бидат наша светост и треба да ги градиме во континуитет. Имаме потенцијал, само треба професионален пристап“, вели Пандев.