Барселона во последните неколку месеци се соочува со големи предизвици поради строгите правила за финансискиот ферплеј кој е воведен во Примера дивисион. Овие правила ги ограничуваат клубовите за трошење на трансфери и на плати на фудбалерите, па во прашање е доведена и регистрацијата на Дани Олмо.
Шпанскиот репрезентативец во Барселона дојде на почетокот на оваа сезона од тимот на Лајпциг за 55 милиони евра, но Барселона мора да најде начин како да го регистрира и од 1 јануари 2025 година. Шпанските медиуми „Спорт“ и „Мундо депортиво“ најавуваат дека Барселона има план во следните неколку дена да направи долгорочна продажба на ВИП местата на реновираниот „Камп ноу“.
Доколку тоа се случи, Барселона ќе добие значително зголемување на приходите и ќе ги задоволи строгите критериуми за финансискиот ферплеј, па нема да има проблеми околу регистрацијата на Дани Олмо. Новиот фудбалер на Барселона сезонава одигра 15 меча во Примера дивисион, во кои постигна шест гола, а имаше и една асистенција.