Поранешниот голман на Бока јуниорс, Уго Орландо Гати, го критикуваше капитенот на Аргентина, Лионел Меси. Гати е разочаран од тоа што Меси решил да игра во тим каков што е Интер Мајами.
„Сега не ми се допаѓа Меси, тој игра во детска лига. Го гледав кога беше во Барселона и кога сите му се восхитуваа. Таму имаше одличен тим кој играше за него. Може да игра и на Светското првенство во 2026 година, но тогаш Аргентина ќе биде како да игра со фудбалер помалку. Лео игра селски фудбал во САД“, вели Гати цитиран од „Мундо депортиво“.
Во сезоната која неодамна заврши во САД, Меси одигра 25 меча за тимот на Интер Мајами, во кои имаше биланс од 23 гола и 13 асистенции.
Меси беше најдобар играч на Мундијалот во Катар во 2022 година, кога Аргентина стигна до светската титула, трета во историјата на оваа јужноамериканска земја.