Аталанта сезонава со подвиг каков што нема ниту една друга екипа во Топ 5 лигите

Аталанта сезонава игра феноменално и има голема шанса 2024 година да ја заврши како лидер во италијанското првенство. Тимот од Бергамо веќе постави клупски рекорд со 11 победи по ред во Серија А. Следниот предизвик за Аталанта ќе биде дуелот против Лацио на „Олимпико“ во Рим.

Доколку Аталанта остане непоразена во тој дуел, ќе остане лидер на табелата и за време на новогодишната ноќ. Во повеќе од стогодишната историја, тимот од Бергамо не само што никогаш не бил шампион на Италија, туку и никогаш не бил втор на табелата на крајот од едно првенство.

Едноставно, оваа сезона може да биде историска за нив. Главен адут на Аталатна сезонава е офанзивата. Во досега одиграните 17 меча, Аталанта има постигнато 42 погодока во првенството, а на тимот му оди солидно и во Лигата на шампионите, каде што во шест средби има 11 бода и е на 13-тото место на табелата. Во ЛШ, Аталанта има постигнато 13 гола.

Матео Ретеги е прв стрелец сезонава и има постигнато 14 гола, а веднаш зад него се Адемола Лукман со 12 гола и Шарл де Кетеларе со 10 погодоци. Едноставно, противничките одбрани не знаат од кого попрво да се одбранат. Аталанта е единствениот тим во Топ 5 лигите кој сезонава може да се пофали дека има тројца фудбалери со двоцифрен број погодоци.

Едноставно, ова може да биде историска сезона за Атланта, која сигурно го сонува освојувањето на Скудетото.

- Оглас -

Најнови вести