Во Србија продолжуваат протестите на студентите и средношколците против тамошната власт. Со оглед на тоа дека таму општеството е поделено на две спротиставени страни, за претседателот Александар Вучиќ и против него, и двете страни бројат кој се од познатите спортски фаци во таа земја им даде поддршка на студентите.
Меѓу најпознатите спортисти кои застанаа како поддршка за студентските протести се Новак Ѓоковиќ, Жељко Обрадовиќ, Богдан Богдановиќ, Ивана Шпановиќ, Дејан Бодирога и уште многу други.
Вучиќ на интервју на РТС го кажа своето мислење за овие спортисти кои се против него: „Ги нема многу, а нема ни нови покрај Ѓоковиќ, Обрадовиќ, Шпановиќ. Дали го има Никола Јокиќ на пример? Знам за Обрадовиќ дека секогаш бил против нас и тоа не е тајна. Ова е демократија, тука нема ништо спорно и јас немам проблем со тоа. Јас знам што мислат сите тие за мене и знам што ми посакуваат“ рече покрај другото претседателот на Србија.