Раководството на Барселона подготвува стратегија за ангажирање на врвни фудбалери, чија иднина во сегашните клубови е неизвесна поради истекувањето на нивните договори. Клубот од „Камп Ноу“ внимателно ја следи ситуацијата и веќе има составено листа со четворица потенцијални засилувања, кои би можеле да пристигнат како слободни агенти во текот на летото, доколку не ги обноват своите договори.
Првата цел на Барселона е капитенот на Тотенхем, Хјонг-Мин Сон. Искусниот напаѓач, кој има 32 години, последен пат го продолжи договорот со лондонскиот клуб во 2021 година, но истиот истекува на крајот од оваа сезона. Со оглед на тоа дека Тотенхем сè уште не ги започнал преговорите за нов договор, Сон веќе во јануари ќе може да потпише преддоговор со друг клуб, што го прави исклучително привлечна опција за Барселона.
Покрај Сон, на радарот на каталонскиот клуб се наоѓаат и двајца играчи на Баерн Минхен, Џошуа Кимих и Лирој Сане. Кимих, познат по својата универзалност и лидерски способности, е идеален кандидат за засилување на средниот ред, додека Сане, како едно од најдобрите крила во Европа, би бил значаен додаток во нападот на Барселона.
Четвртиот играч на листата е германскиот дефанзивец Џонатан Тах, кој моментно настапува за Баер Леверкузен. Тах е познат по својата физичка доминација и тактичка зрелост, што го прави одлична опција за засилување на одбраната.