Гвардиола: Џек Грилиш мора да се бори за место во тимот, Савињо во моментот е во подобра форма

Џек Грилиш мора повторно да се врати во старата форма и да се бори за своето место во стартниот состав на Манчестер сити, изјави менаџерот на тимот, Пеп Гвардиола. Англискиот репрезентативец беше клучен играч за време на освојувањето на тројната круна во 2023 година, но оваа сезона отпадна од првите единаесетмина и седеше на клупата за резерви при победата од 4-1 против Вест Хем овој викенд.

Грилиш, кој подолго време беше надвор од терените поради повреда, досега започна само шест натпревари како стартер во Премиер лигата оваа сезона. Наместо него, бразилскиот талент Савињо ја добива шансата во првиот тим.

„Савињо е во подобра форма од Џек и затоа игра. Дали го посакувам Џек од времето кога освоивме тројна круна? Да, но се обидувам да бидам реален во овој поглед. Секој мора да се бори за своето место во стартниот состав, и не сметам дека со оваа изјава навредувам некого“, рече Гвардиола.

„Секој треба да се докажува. Џек мора да се мотивира, да се избори за своето место против Савињо и да ја заслужи стартната позиција. Ова треба да го прави секој ден, секоја недела, секој месец. Џек беше повреден и треба повторно да го пронајде својот ритам. Потребно му е време и тренинзи пред повторно да почне редовно да игра. Не се сомневам во неговите квалитети, ниту во оние на другите наши фудбалери. Ако немаа квалитет, немаше да бидат дел од Манчестер сити“, истакна менаџерот на Граѓаните.

- Оглас -

Најнови вести