Барди на излезна врата од Трабзон, но многу веројатно дека ќе остане во Турција

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Енис Барди, сезонава мака мачи да добие доверба во тимот на Трабзонспор, па многу веројатно е дека до крајот на овој месец ќе си замине од клубот. Актуелниот договор на Барди до Трабзон е до крајот на оваа сезона, а ако сега успее да го продаде, клубот ќе може да заработи и некоја пара од неговото заминување.

Барди сезонава одигра само осум меча во домашното првенство и пет во квалификациите за европските купови. Вкупно на теренот во овие 13 средби помина само 595 минути, што доволно кажува дека не е во плановите на тренерот.

Веќе неколку недели се шпекулира за можниот нов клуб на Барди. Освен Динамо Загреб, за кој веројатно работите се изјаловија, сè поинтензивно се зборува дека играчот за врска може да остане во турскиот шампионат, а како опција тамошните медиуми набројуваат неколку екипи.

Во прв план тука е Башакшехир, но сега се спомнуваат и екипите на Бодрумспор, како и Ејупспор. Барди во Трабзон дојде во 2022 година, а претходно има настапувано пет години за Леванте, три сезони помина во Ујпешт, а кариерата ја започна во Преспа Бирлик во Шведска во 2014 година.

- Оглас -

Најнови вести