Здружението на македонски кошаркари, испрати соопштение во кое ја запознаа пошироката јавност со проблемите со кои се соочуваат сезонава, а поврзани со лошата инфраструктура и условите во салите во кои се игра.
Вчера од клубот Пелистер објавија дека нема да играат во ладни сали (минималната температура за одигрување меч според прописите треба да биде 12 степени).
„Следствено барањето од страна на КК Пелистер, ние, здружението на играчи, би сакале да ја известиме македонската јавност дека во потполност го поддржуваме нивниот јасно изнесен став. Условите за игра оваа натпреварувачка сезона се катастрофални во поголем дел од спортските објекти. Во неколку од нив нема дури ни соблекувални со топла вода, нема доволно топки за загревање, а греењето во салите е научна фантастика. Нашето мислење е дека редно време е да се стави крај на овој тотален непрофесионализам во кошарката. Кошарката (спортот) е професија, како и секоја друга. Разлика прави фактот што на нас играчите не ни тече работен стаж како „сведок“ за сработеното. Дури и генерално кај јавноста, оваа професија првенствено е поимана како лесна, не толку сериозна и забавна. Некогаш не е ни поистоветена со професија. Меѓутоа, ние, спортските работници, буквално гинеме на терените за чесно да си го заработиме лебот, како и секој друг работник, со било каква поинаква експертиза. Во било која друга професија, работниците веќе и добиваат екстра мотиватори на работното место, со цел да имаат подобар перформанс, додека ние тука разговараме за елементарни неопходни услови.
Ладните сали, немањето на топла вода за капење во соблекувалните и немање доволно топки за загревање се и тоа како далеку од мотивацијата која ни е потребна. Искрено се надеваме на подобрување на севкупната хаотична ситуација во кошарката. Спортски поздрав, Здружение на играчи“.