Срѓан Захариевски во мисија да изгради успешен Пелистер, но и да погоди хуманитарен тикет (Фото)

Срѓан Захариевски има нова мисија. Пристигна во Битола и ја доби задачата да го предводи Пелистер во мисијата за обезбедување опстанок во елитата. Тоа е првичниот краткорочен план, а вториот е стабилизирање на тимот и надградување за следната сезона, кога Пелистер треба да се наметне како еден од клубовите за излез во Европа.
Или во превод, да биде – како во старите добри времиња.


Захариевски е тренер кој не се плаши од предизвик, напротив, ги прифаќа со драго срце. Тој е архитектот на сегашниот шампион Струга Трим Лум, потоа замина во Воска и го одведе тимот до финалето на Купот, а имаше епизода оваа сезона и во најтрофејниот македонски клуб Вардар.

Но, тоа сѐ е зад него, Срѓан Захариевски сега е максимално посветен на проектот со Пелистер.

„Мора веднаш да истакнам дека ми е драго што во Пелистер владее вистинска фудбалска атмосфера, дека во и околу клубот се легендите на македонскиот фудбал, Митко Стојковски, Тони Мицевски, Ванчо Мицевски, Сашо Здравевски…Со нив, секогаш може да се разговара конструктивно на сите фудбалски теми. Тоа секако ја олеснува и мојата тренерска работа, не е потребно многу за тие да ги сфатат моите идеи, го делиме заедничкиот став дека Пелистер заслужува многу повеќе и треба да се заложиме да изградиме подобар тим и поуспешен клуб. Веднаш се зафативме за работа, нѐ очекуваат зимските подготовки, а потоа и напорна и тешка пролетна полусезона во Првата лига“, вели Захариевски.

Пелистер е во долниот дел од табелата, мисијата е што е можно побрзо да се зацврсти во средишниот дел, а здравје – од другата сезона, плановите се многу поголеми.

„Пелистер и Битола секако заслужуваат повеќе, ова е мој втор мандат овде, многу добро знам колку се сите желни за враќање на клубот на некогашните позиции, при врвот на македонскиот фудбал. Нема да криеме дека таков е планот, оваа сезона да обезбедиме сигурен опстанок во елитата, а воедно да изградиме и база за нешто многу поголемо, за што ќе се бориме следниот шампионат. Но, да одиме чекор по чекор, имаме јасна цел пред нас и треба добро да се подготвиме за тоа што следи“, истакнува новиот шеф на стручниот штаб на Пелистер.

Срѓан Захариевски одлично ги познава фудбалските прилики во Првата лига и очекува неизвесна пролет, во која сите тимови жестоко ќе се борат за бодовите.

„Секој има своја цел, тие при врвот секако да обезбедат излез во Европа и да се борат за трофејот, а другите што е можно побрзо да го осигураат опстанокот. И ќе се игра без пардон, сигурно дека напролет многу потешко ќе се освојуваат бодови, бидејќи ќе бидат од исклучителна важност за сите прволигаши“, истакнува тренерот на Пелистер.

Захариевски состави хуманитарен тикет во Sport Life и ќе се обиде да го погоди, а добивката ќе биде донирана на оние на кои што им е најпотребна во моментов.

„Не играм обложувалница, но секако дека го следам европскиот фудбал во секој слободен момент, анализираме, ги следиме европските текови, секако дел од тоа треба и да примениме во македонскиот фудбал. Оттаму, типував неколку натпревари, искрено се надевам и дека ќе биде успешно, па хуманитарниот тикет да помогне на тие на кои им е најпотребно“, заврши Срѓан Захариевски.

- Оглас -

Најнови вести