Со 10 титули на Австралија опен, Новак Ѓоковиќ е апсолутен рекордер на првиот гренд-слем во сезоната што традиционално се игра во Мелбурн. Ѓоковиќ сега се подготвува за поход на нов трофеј, но Србинот е седми носител и ќе има тешка задача за да стигне до тронот.
Ѓоковиќ е познат како човек кој секогаш давал поддршка за сите спортисти, посебно на оние кои потекнуваат од поранешна југославија. Токму затоа, во интервјуто за „Џи-Кју (GQ)“ зборуваше за блискоста на народите на Балканот, посебно на тие земји кои до пред 30-тина години беа дел од поранешна Југославија.
„Отсекогаш сум бил пацифист во мојот пристап и однесување кон сите луѓе и народи во тој регион. Порано бевме иста земја. Целото семејство на мајка ми е од Хрватска. Таа е родена во Белград, но сите се Хрвати. Од страна на татко ми, тие се од Црна Гора и од Косово, јас сум роден во Србија. Секогаш сите ги третирам исто. Таков ми е пристапот. Некогаш сите бевме една нација. Имаме толку културолошки сличности, традиција, јазик…“, рече Ѓоковиќ.
Веднаш потоа Ѓоковиќ беше запрашан што мисли за идејата за повторно да се врати Југославија. Тенисерот потенцираше дека тоа е речиси невозможно, но сепак даде интересен одговор.
„Видете, во најлудите соништа би рекол дека тоа е идеално сценарио. Зошто да не? Ако веќе сите зборуваат ист или сличен јазик и добро се разбираат. Ако погледнете, нашата традиционални облеки, музиката, храната… тоа се е исто! Целосно исто, само со различни зборови се опишува. Така да, јас сум согласен за наше повторно соединување, доколку тоа е можно. Дали постои шанса повторно да бидеме во иста земја? Сепак, мислам дека тоа не е реално и возможно. Но, повторно ќе кажам нема ништо невозможно. Важно е луѓето да бидат зближени. Би сакал да видам многу помирни и пријателски односи во тој регион. Вака, секое лето, кога доаѓаат некои важни датуми, сите тие воени датуми, тоа само ги потсетува сите на тоа. Медиумите и политичарите секоја година инсистираат на тоа, се посилно и посилно. И затоа не можете да се зближиме, само се оддалечувате. Не велам дека луѓето да заборават, тоа е многу тешко да се побара од луѓето кои се лути. Секогаш треба да се запомни. Треба да се паметат жртвите. Но, на крајот на денот, ќе продолжиме ли напред? И како да одиме напред“, е коментарот на Ѓоковиќ.