Седум натпревари се одиграа изминатата ноќ во НБА лигата, а кошаркарите на Денвер, предводени од неверојатниот Никола Јокиќ, остварија победа против Бруклин нетс со 124-105.
Нагетс лошо го започнаа мечот и ја загубија првата четвртина со резултат 36-32, но потоа ја засилија играта и направија пресврт.
Веќе на полувремето имаа водство од 65-59, а на крајот славеа со убедливи 124-105. Јокиќ оствари трипл-дабл, постигнувајќи 35 поени, собирајќи 12 скокови и додавајќи 15 асистенции.
Јокиќ шутираше со фантастичен ефект 14/21 од игра и успеа да украде четири топки. Ги воодушеви сите со еден погодок под прекршок, кога постигна кош целосно свртен со грб кон обрачот.
Трипл-дабл забележа и Џамал Мареј, кој имаше 25 поени, 10 асистенции и 11 скокови, додека кај Бруклин нетс се истакна Кеон Џонсон со 22 поени.
Пораз забележаа актуелните шампиони Бостон селтикс, кои беа совладани од Сакраменто со 114-97. Кингс ги предводеше ДеМар ДеРозан со 24 поени, а неверојатен дабл-дабл запиша Домантас Сабонис со 23 поени и 28 скокови.
Со тоа, Сабонис го сруши рекордот на кариерата по бројот на скокови на еден натпревар.
Резултати: Индијана – Голден Стејт 108-96, Орландо – Милвоки 106-109, Филаделфија – Њу Орлеанс 115-123, Бостон – Сакраменто 97-114, Њујорк – Оклахома 101-126, Чикаго – Вашингтон 138-105, Денвер – Бруклин 124-105.