Дури девет меча се одиграа во попладневниот термин од третото коло во ФА Купот на Анлија. Без проблем во следната фаза се пласираа фаворитите Челзи, Борнмут, Лестер, Брајтон, Нотингем форест…Сепак, ФА Купот е познато како натпреварување во кое знае да се случи и некое големо изненадување, па така беше и денеска.
Второлигашот Плимут успеа на гостински терен да го победи и елиминира премиерлигашот Брентфорд. Интересно е дека Плимут е тимот кој е последен на табелата во Чемпионшип со само 20 освоени бодови од 25 меча, но успеа да победи на теренот на Премиерлигашот и тоа благодарение на гол постигнат во финишот на средбата.
Лестер немаше милост и го растури Квинс парк ренџерс со 6:2, Борнмут со 5:1 покажа доминација во дуелот против Вест Бромвич Албион, а Челзи со 5:0 лесно се справи против Моркамб. Брајтон на гости со 4:0 го победи Норвич, а понатаму оди и Ексетер кој со 3:1 го победи Оксфорд. Нотингем форест рутински беше подобар од Лутон.