Организаторите на Отвореното првенство на Австралија се соочуваат со проблем кој не се надеваа дека ќе го имаат. Во Мелбурн за време на првиот гренслем во годината обично проблем е топлото време бидејќи таму сега е лето, но наместо пекол и сонце, истура дожд, проследен со грмотевици и силен ветер.
Сите тениски терени кои се на отворено, се поплавени, многу мечеви и тренинзи се одложени, и тоа им создава главоболки на организаторите на првиот ден од турнирот бидејќи има многу мечеви за играње, а покрив имаат само три терени.
Од мечевите кои се одиграа и беа комплетирани, најинтересниот беше помеѓу Кеи Нишикори и Бразилецот Монтеиро. Јапонецот губеше со 0-2 во сетови, но на крај победи со 3-2 и потврди дека е мајстор за натпревари во пет сета. Нишикори во кариерата има 29 победи на 37 меча кои ги играл во пет сета.
Во пет сета се мачеше и шестиот носител Каспер Руд кој сепак најде начин да го скрши отпорот на Шпанецот Мунар (61-ви на АТП листата).