Почетокот на тренерската работа во Милан беше како од бајка за новиот стратег Сержо Консеисао. Во првите два меча ги победи Јувентус и Интер и тоа со пресврти во второто полувреме и го освои трофејот во Суперкупот на Италија.
Сепак, сега дојде „отрезнување“ и „будење од сонот“, затоа што Милан во првенството игра лошо. Росонерите синоќа на свој терен разочараа и одиграа само 1:1 против Калјари, тим кој е во зоната за испаѓање. Тренерот Консеисао по мечот беше разочаран.
„Очекував многу, многу повеќе на сите полиња. Доколку ги погледнеме квалитетот на играчите со кои располагаме, морам да бидам искрен дека ова е најлошото прво полувреме за 13 години во мојата тренерска кариера. Ритамот беше бавен, ни недостасуваше енергија. Калјари се бранеше со 11 играчи. Тоа беше нивна стратегија, но ние требаше да го правиме тоа за кое се договоривме. Не бевме доволно паметни за да го направиме тоа“, разочарано констатираше Консеисао по мечот.
Португалскиот стратег негодуваше и за тоа што судијата дал само пет минути надополнување во второто полувреме.
„Имавме 25 шута кон голот на противникот. Калјари почна да го троши времето. Сфаќам дека тоа е стратегија во Италија, но судијата мораше да даде продолжување поголемо од пет минути. Се играше осум минути продолжение? Сепак, ние моравме да одиграме подобро“, заклучи тренерот на Милан.