Ќе има дуел на трибините во Вараждин, и Унгарците ќе имаат голем број навивачи

Не само македонската, и унгарската ракометна репрезентација ќе има голема поддршка од трибините на мечевите на Светското првенство во Вараждин. Унгарија е на само 40 километри од Вараждин и во оваа селекција со право се надеваат на голема поддршка.

Утревечер од 20.30 часот Македонија во првото коло игра токму со Унгарија, сигурно ќе биде интересно и на терен и на трибините. Унгарците се амбициозни, најавуваат дека целта им е пласман во четвртфиналето, меѓу осумте најдобри на светот. Тие се големи фаворити на хартија против Македонија.

Селектор на унгарската репрезентација е Шпанецот Чема Родригес кој се осврна и на дуелот со  Македонија.

„Подготовките ни беа добри, најважно е дека сите се здрави, подготвени сме за Светското првенство, но дури по почетокот на турнирот ќе можеме навистина да видиме како стоиме, конечниот пласман ќе отслика колку навистина се помина добро. Македонците се брза селекција со извонредни играчи. Тие загубија од Хрватска со само два гола разлика, па јасно е дека нашиот прв натпревар може да го одреди нашето целосно учество на СП. Кирил Лазаров не само што беше одличен како играч, туку е и мој добар пријател, добро работи во клубот од кој има многу репрезетативци и со тие играчи тренира заедно во текот на целата година. Очекуваме полесен натпревар против Гвинеја, тие немаат познати играчи и ќе играат послободно, очекувам победа на овој натпревар. На ЕП 2022 загубивме од Холандија, сега сакаме да победиме, можеме да го наоравиме тоа. Таа победа би ни била важна од аспект на освојување на првото место во групата“, рече Родригез на завршната прес-конференција на Унгарија.

- Оглас -

Најнови вести