Запознајте го Вараждин, градот кој во минатото бил и престолнина на Хрватска

На околу 80 километри од Загреб, и во близина на границите на Хрватска со Унгарија и Словенија, Вараждин е најпознатиот туристички центар во северниот дел на Хрватска.

Поврзувањето му е одлично со патишта и железница, воопшто не е проблем да се стигне дотаму и да се бодри македонската машка ракометна репрезентација која во претстојниот период ќе води битки во „Арената Вараждин“ од Светското првенство.

Вараждин изобилува со градби во барок стил, овој град остана речиси недопрен за време на војната во 90-тите години, а во 18-тиот век бил и главен град на Хрватска. Таму биле хрватскиот Сабор и кралскиот хрватски совет основан од царицата Марија Тереза. Но, после катастрофалниот пожар во 1776 година кога изгорел голем дел од градот, институциите биле преселени во Загреб.

Најважната историска градба на Вараждин, Стариот град Вараждин, е прекрасна готско-ренесансна тврдина. Тоа е и најпрепознатлива туристичка атракција. Се наоѓа во северо-западниот дел од јадрото на градот, а денеска таму е градскиот музеј Вараждин.

Најстарите зачувани делови на Стариот град се две готски кули, кои во 16 век станале дел од ренесансната тврдина.

Куќата музеј опкружена со импозантни бедеми и ровови, претставува своевиден центар на животот во Вараждин. Претрпела бројни сопственички промени и реконструкции низ вековите, но останува место кое мора да се посети за сите кои одат во Вараждин.

- Оглас -

Најнови вести