Германската тенисерка Ева Лис се пласираше во второто коло од Австралија опен, откако без многу проблеми со 6:2, 6:2 ја победи домашната тенисерка Кимбери Бирел. Лис која е родена во Киев, а се натпреварува под германско знаме, воопшто не требаше да биде дел од главниот турнир на првиот грендслем турнир во сезоната затоа што загуби во третото квалификациско коло.
По поразот во квалификациите, Лис веќе имала резервирано авионски билет за да се врати дома, но во последен момент доби „втора шанса“. Руската тенисерка Ана Калинскаја во последен момент го откажа настапот во првото коло, а Лис е влезе како „џокер“. Додека била во собата за физиотерапија се слушнало „Ева Лис ве молиме дојдете во Киа Арена“. Тенисерката била изненадена, но подготвена.
„Дознав дека треба да играм само 15 минути пред да почне мечот. Веќе имав резервирано авионски билет за враќање дома во срена наутро. Многу сум среќна што добив шанса да играм тука. Чекав да видам дали јас ќе имам среќа да добијам шанса и на крајот се исплатеше. Ова беше најдобриот подарок што можев да го добијам за мојот роденден“, рече Лис, која во неделата наполни 23 години.
Со победата над Бирел и пласманот во второто коло на Австралија опен, Лис заработи 120.000 евра. Следна противничка ќе и биде Французинката Варвара Граче која има 24 години и е на 69 место на ВТА листата.
Лис во кариерата има заработено 780.000 евра, а има биланс од 143 победи и 93 порази.