Новак Ѓоковиќ се пласира во третото коло на Отвореното првенство на Австралија, откако со 3:1 во сетови го победи Жаиме Фари од Португалија. Исто како во првото коло така и сега точно три часа траеше мечот, а Србинот на крајот славеше со 3:1 во сетови. Овојпат резултатот беше 6:1, 6:7, 6:3 и 6:2.
Изненадувачки беше тоа што Ѓоковиќ му дозволи на противникот да го добие вториот сет во тај-брејк, каде што популарниот Ноле е речиси најдобар во светот. Овој меч беше и историски за тенисерот со најмногу гранслем-титули во историјата. По 430-ти пат Ѓоковиќ играше на гранслем-дуел, со што го надмина досегашниот рекорд на Роџер Федерер.
430 – Novak Djokovic is now the player with the most Grand Slam Singles matches played in the Open Era (430, surpassing Roger Federer). Legend.#AO2025 | @AustralianOpen @atptour pic.twitter.com/Cp1ugwB6qu
— OptaAce (@OptaAce) January 15, 2025
Исто така Ѓоковиќ стана и првиот тенисер кој успеал да има 150 гранслем-победи откако наполни 30 години. Такво нешто досега имаше само кај жените и рекордот е на Серена Вилијамс.
Во третото коло Ѓоковиќ ќе игра против 25-тиот тенисер на АТП-листата, Томаш Махач од Чешка, кој по голема борба во пет сета беше подобар од Опелка.