Новак Ѓоковиќ очекувано се пласира во третото коло на Отвореното првенство на Австралија, гранслем-турнирот на којшто има победувано 10 години и е рекордер. Србинот помина три часа на теренот во дуелот против квалификантот Жаиме Фари од Португалија.
Фуриозно започна Ѓоковиќ и со 6:1 го доби првиот сет, но во вториот виде малку повеќе мака. Португалецот успеа да погодува на самата линија, топки кои на Ѓоковиќ му беше потешко да ги враќа. Во еден момент Србинот се налути, прво на самиот себеси, а потоа и на својот стручен штаб, којшто имаше забелешки дека не ги слуша нивните совети.
„Малку погласно треба да ми зборувате. Побрзо, побрзо, Енди погледни“, се лутеше Ѓоковиќ, кој не можеше да верува како игра неговиот противник. „Што се успева да погоди, во пи**а матер. Неверојатно“, се лутеше Ѓоковиќ.
Во завршницата на вториот сет Ѓоковиќ се искара и со главната судијка, а тоа беше Марија Чичаќ од Хрватска. Ноле имаше забелешки зошто се вклучени рефлекторите на теренот, а мечот се играше во 4 часот попладне и воопшто немало потреба да има рефлектори, кои само создаваат проблем за тенисерите. По кратко убедување, судијката реагираше до организаторот и рефлекторите беа изгаснати.
По победата, Ѓоковиќ зборуваше и за рекордот со којшто го надмина Роџер Федерер, а тоа се 430 одиграни натпревари на гранслем-турнирите.
„Што да кажам, го обожавам овој спорт. Цели 20 години се натпреварувам на гранслем-турнирите на врвно ниво. И кога победувам и кога губам, го давам најдоброто од мене. Кога бев многу мал, само на 4-5 години, гледав како играат во финалето на Вимблдон. Гранслем-турнирите се најважни во тенисот и мило ми е што направив еден рекорд“, рече Ѓоковиќ по победата во второто коло во Мелбурн.