Португалскиот ракометен репрезентативец Мигел Мартинс нема да настапи за својата национална селекција на Светското првенство во Данска, Норвешка и Хрватска поради позитивен допинг-тест.
Мартинс, кој е еден од најдобрите играчи на португалската репрезентација, е член на данскиот клуб Алборг, кој соопшти дека поради наведениот проблем, тој нема да учествува на турнирот.
„Секако, ова е голем шок за нас. Неверојатно е тоа што ни беше соопштено. Веднаш стапивме во контакт со Мигел, кој исто така е збунет како и ние и инсистира дека не направил ништо незаконско. Тој веднаш побара да се направи Б-тест за да се расчисти ситуацијата, но сигурно е дека нема да учествува на Светското првенство“, изјави директорот на Алборг, Јан Ларсен.
„Не можеме и нема да преземеме ништо понатаму додека не бидат достапни резултатите од Б-тестот, за кои не знаеме кога ќе пристигнат. Дури откако ќе ги дознаеме резултатите, ќе се занимаваме со оваа ситуација.“
Португалија го отвора Светското првенство со натпревар против САД денес во 18:00 часот, а во групата Е се наоѓаат и Норвешка и Бразил.