Епски натпревар: Бевме на прагот на победа против големата Унгарија која извлече реми (27-27)

Ракометната репрезентација на Македонија одигра 27-27 против Унгарија на премиерата на Светското првенство. Фантастичен меч на нашите ракометари предводени од селекторот Кирил Лазаров, но и испуштена голема победа. Имавме триумф во раце, водство од 27-26 и напад, но не успеавме, а Унгарија стигна до реми и еден бод.

Беше тоа епски натпревар за Македонија во Арената во Вараждин.

Македонија блескаше во сите 60 минути, а Унгарија, која несомнено е поквалитетна, стравуваше во секој миг од големиот дуел.

Десниот бек Зоран Илиќ постигна четири гола на почетокот од мечот и Унгарија поведе со 5-2, но потоа дојдоа минутите на Македонија.

Марко Митев беше стрелец на првиот гол за нас, се разигра Филип Кузмановски, се разбрани Никола Митревски и Македонија влезе во фантастична серија, постигнавме осум, а примивме само еден гол, за водство од 10-6.

Но, и Унгарците додадоа гас, се доближија на еден гол негатива. Марко Митев и Филип Кузмановски со нови два гола повторно нѐ одлепија на 13-10.

Во последните три минути од првиот дел, Македонија влезе со предност од 14-12, а Игор Ѓоргиев изнуди седмерец кој не успеа да го реализира капитенот Кузмановски.

Унгарците израмнија на 14-14, но тоа не ги разочара македонските ракометари.

Во вториот дел, неверојатна битка, гол за гол, двете селекции едвај имаа по еден или два гола предност. Блескаа и голманите Митревски и Палашич.

Во последните три минути се влезе со егал 25-25, а Јагуриновски успеа да донесе водство за Македонија. Сепак, возвратија и Унгарците.

Капитенот Филип Кузмановски донесе нова предност, 27-26, а Никола Митревски ја спушти ролетната во најважниот момент.

Имавме напад за победа, но згрешивме, а Унгарија израмни и освои еден бод на стартот на Светското првенство. Да не знаеш дали да се радуваш или да жалиш. Во секој случај, мора да сме горди на изданието на македонските ракометари.

- Оглас -

Најнови вести