Повеќе од 20 години Кирил Лазаров беше вистински лидер на теренот во ракометниот дрес на Македонија. Со Кире како предводник, Македонија ги оствари најголемите успеси и стана селекција која е редовен учесник на големите натпреварувања.
Откако ја заврши играчката кариера, Лазаров реши да продолжи да се бори, да создава, да помага за македонската репрезентација. Како селектор Лазаров продолжи да ја води Македонија на големите натпреварувања. Со неговиот авторитет, знаење и желба за нови успеси, ја води Македонија кон нови радости.
Тој е единствениот кој беше дел од селекцијата на Светското првенство во Вараждин во 2009 година, а сега, 16 години подоцна повторно е во Вараждин и е предводник на Македонија, овојпат како селектор и лидер покрај аут-линијата.
На трибините во Вараждин се појави знамето на кое стои паролата „Кралот е од Македонија“ и ликот на Лазаров со круна на главата. Лазаров тоа и го заслужува.