Медиумите од регионов најавуваат сензационален трансфер каков што одамна се нема случено на овие простори. Шеснаесетгодишен фудбалер на црногорскиот второлигаш ОФК Грбаљ е пред потпис со големиот Интер. Се работи за талентираниот Андрија Вукоја, кој се нашол во тефтерот на скаутите од актуелниот шампион на Италија, па сега е пред потпис на професионален договор со Интер.
Овој трансфер многу наликува на оние на Горан Пандев и на Ацо Стојков, кога од Беласица заминаа директно во Интер за тогаш фантастична сума од еден милион марки. Во случајот со Вукоја не се открива колку ќе изнесува трансферот, но црногорскиот второлигаш со сигурност ќе добие сума која веројатно не си ја ни замислувал, но и процент од евентуалниот следен трансфер.
Вукоја веќе настапува за сениорската екипа, иако има само 16 години. Оваа година настапи на 16 средби со ефект од четири гола и една асистенција.