Холандскиот голман се чуди: „Вакво нешто немам доживеано, веројатно вака е на Балканот“

Холандија го доби дуелот против Македонија со 37-32 на Светското ракометно првенство во Вараждин, а мечот неколку пати беше прекинуван во самиот финиш, откако македонските навивачи незадоволни од арбитражата на данските судии фрлаа со тврди предмети во теренот.

На крајот од мечот се случи и скандал, кога холандската репрезентација се повлече од теренот во моментите кога требаше да биде прогласен најдобриот играч на натпреварот, а на пат кон соблекувалната, селекторот на Холандија успеа и дополнително да ги испровоцира гледачите.

Сепак, на холанѓаните не им се допаднало однесувањето на нашите навивачи, кои реагираа на катастрофалната арбитража на Хансен и Мадсен, но атмосферата не им се допадна ниту на данците.

„Беше тоа голема драма, многу тесен натпревар. Холанѓаните постојано беа чекор пред Македонските. На крајот заврши со хаос, последните минути завршија со фрлање на предмети во теренот. Македонските навивачи со тоа ги избркаа Холанѓаните од теренот.“ – вака ја пренесува атмосферата од Вараждин новинарот на данската телевизија ТВ2, Сорен Ридц.

На однесувањето на македонските навивачи реагираше и холандскиот голман, Матијас Рекс.

„Човече, почнаа да фрлаат по нас со секакви предмети. Никогаш немам доживеано вакво нешто. Очигледно така е на Балканот. Во еден момент, кога сакав да ја исфрлам топката, истурија и вода кај голот. Апсолутно лудило. Ова нема никаква врска со ракомет, но понекогаш е и така.“ – рече после натпреварот Матијас Рекс.

- Оглас -

Најнови вести