Македонија како голем фаворит влегува во мечот против Гвинеја и се очекува само да го потврди пласманот во втората фаза од Светското првенство, а таму нѐ очекуваат репрезентациите на Франција, Австрија и Катар, кои ги освоија првите три позиции во групата „Ц“.
Во последното коло, Франција ја совлада Австрија со 35-27 и ќе тргне со максимални четири бода во втората фаза, додека австријците ќе пренесат два бода со победата над Катар во претходното коло. Без бодови тргнува Катар, кој загуби и од Франција и Австрија, но обезбеди пласман помеѓу најдобрите 24 селекции со победата над Кувајт од 25-22. Во новоформираната група во која ќе игра и Македонија, познато е дека ние ќе пренесеме бод од ремито против Унгарија.
Во групата „Б“, Данска го освои првото место со победата над Италија со 39-20, додека последната екипа кој обезбеди пласман понатаму е Тунис, кој минимално славеше над Алжир со 26-25.
На останатите натпревари од денешната програма на Светското првенство немаше ниту едно изненадување. Шпанија со убедливи +19, 39-20, славеше над Јапонија, Словенија со 36-24 ја победи Зеленортската република, додека убедливи беа и Шведска и Исланд во дуелите против Чила (42-30), односно Куба (40-19).