Зинедин Зидан и официјално се врати на клупата на Реал Мадрид. Најтрофејниот шпански клуб преку соопштение потврди дека Зидан од денеска ќе го замени Сантијаго Солари. Според договорот, Зидан ќе остане на клупата на Реал до јуни 2022 година.
Зидан беше три години на чело на Реал и го одведе клубот до три титули европски првак, двапати беше светски клупски првак, освои две титули на европскиот Суперкуп, како и по една титула во Примера и Суперкупот на Шпанија, но на крајот на минатата сезона си замина. На негово место беше донесен Хулиан Лопетеги, а неколку месеци подоцна тој беше заменет со Солари. Ни со Солари на чело, Реал немаше успех, па најверојатно сезонава во витрините на „Сантијаго Бернабеу“ нема да има ниту еден трофеј.
Официјалното претставување на Зидан пред медиумите ќе биде вечерва, во 20 часот.