Никола Јокиќ оствари уште еден трипл-дабл, а воопшто немаше потреба ниту да игра во последната четвртина на гостувањето кај Орландо. Денвер победи со лесни 113:100 и е единствената гостинска екипа која се радуваше на триумф во седумте средби кои се одиграа ноќеска.
Српскиот центар одигра само 30 минути во кои постигна 20 поени, 14 скока и 10 асистенции и трет меч по ред завршува со трипл-дабл. Сезонава ова е негов 18 трипл-дабл и дури 12-ти кој го остварува пред да започне последната четвртина. Во кариерата има вкупно 165 вакви постигнувања и е на третото место на вечната листа, зад Оскар Робертсон со 181 и Расел Вестбрук со 202 трипл-дабл постигнувања.
Трократниот МВП на НБА-лигата сезонава има просек од 30,1 поени, 13,2 скока и 9,9 асистенции по меч, што му се најдобро-комбинирани бројки во кариерата. Моментално е втор на рангирањето за МВП на сезоната, а пред него е само Шаи Александер од Оклахома, кој има просек од 31, 6 поени,5,4 скока и шест асистенции по меч.
Денвер на теренот на Орландо започна лошо и во првото полувреме имаше заостанување од 10 поени. Сепак, фаворитот во третата четвртина одигра одлично и го презеде водството, а во еден момент гостите водеа и со 24 разлика. За Денвер ова е шеста победа на гости во низа.
На останатите мечеви кои се одиграа ноќеска, се радуваа домашните екипи, а резултатите се: ЛА клиперс – ЛА лејкерс 116:102, Мајами – Сан Антонио 128:107, Милвоки – Филаделфија 123:109, Оклахома – Бруклин 127:101, Портланд – Чикаго 113:102, Сакраменто – Вашингтон 123:100.