Португалскиот тренер Пауло Фонсека, кој беше отпуштен од Милан пред неколку недели, е контактиран од Лион со понуда да го преземе францускиот тим, објави „Л’Екип“.
Фонсека добро го познава францускиот шампионат откако го водеше Лил, пред да премине во Милан.
Португалецот сè уште не одлучил дали ќе ја прифати понудата од Лион. Сегашниот тренер на тимот, Пјер Саж, е во деликатна ситуација поради неубедливите резултати во првенството, елиминацијата од скромниот Бургоан во Купот на Франција и последното реми без голови со Тулуз.
Сопственикот Џон Текстер лично се поврзал со Фонсека за да му ја понуди функцијата.
Претходно тој сакал да го покани и за тренер на бразилскиот Ботафого, кој остана без тренер по освојувањето на Копа Либертадорес. Педесет и едногодишниот стручњак е заинтересиран за понудата, но бара од раководството спортски и финансиски гаранции.
Лион оваа недела гостува на Фенербахче во натпревар од Лигата на Европа.